ЛИКВИДАЦИЈА НА ФИРМА

Ликвидацијата на фирма се одвива во две фази:

Прва фаза е промената на називот со тоа што на постоечкиот назив се додава наставката - во ликвидација и се назначува ликвидатор. После добивањето на решение во рок од 7 дена се објавува оглас за ликвидација во кој се повикуваат доверителите во рок од 15 дена од денот на објавата да ги пријават своите побарувања на ликвидаторот.
Потребни документи се тековна состојба од фирмата не постара од шест месеци, бонитет од банка за состојбата на сметката со денови на блокада - со кој се докажува дека нема блокада на сметката, уверение од УЈП дека друштвото не должи даноци, придонеси и други давачки, додека останатите документи ги изработува адвокат со адвокатско полномошно од основачот и управителот на друштвото. Адвокатот поднесува пријава за упис на ликвидацијата и во рок од 5 работни дена се добива решение од Централниот регистар. 
Цената за првата фаза е 6000 денари адвокатска награда и 2023 денари надомест во Централниот регистар. Објавата на ликвидацијата ја прави адвокатот без наплата на надомест, но надоместот во централниот регистар за упис на објавата чини 625 денари. 
Втората фаза настапува откако ќе истечат 15 дена од објавата на ликвидацијата.
Потребни документи се: нов бонитет од банка со кој се докажува дека нема блокада на сметката, ново уверение од УЈП дека друштвото не должи даноци, придонеси и други давачки, изјава од ликвидаторот дека нема пријавено доверители во текот на огласот, доказ за поднесена завршна сметка за периодот до објавата на ликвидацијата, додека останатите документи ги изработува адвокат со адвокатско полномошно кои ги потпишува основачот и ликвидаторот на фирмата.
Цената на втората фаза е 3000 денари адвокатска награда и 520 денари надомест за Централниот регистар.
НАПОМЕНА:Основачите на фирмите кои ќе одлучат да спроведат ликвидација на фирмата сами поднесуваат барање до УЈП за добивање на уверение за платени даноци и придонеси и го подигаат уверението од УЈП кое после го доставуваат во оригинал во адвокатската канцеларија. Доколку имаат потешкотии за пополнување на барањето адвокатот бесплатно го печати и пополнува барањето за странката. Барањето за издавање на уверение за платени даноци, придонеси и други давачки се поднесува во УЈП со доказ за платена административна такса во износ од 100 денари, кои ги плаќа странката.  Исто така, бонитетот од банка странката сама го обезбедува од својата банка, но доколку има потешкотии во пополнувањето на барањето за издавање на бонитет, во тој случај се пополнува бесплатно од страна на адвокатот. Секоја банка има различна тарифа за наплата на трошок за издавање на бонитет кој варира од 200 денари до 500 денари.
Доколку странката во текот на постапката се откаже од постапката за ликвидација, се пресметуваат и наплатуваат само дотогаш направените дејствија. 
Само фирмите кои немаат блокирана сметка, кои не должат и кои ги имаат подмирено давачките кон државата и кон приватните лица имаат право да спроведат ликвидација. Доколку во текот на ликвидацијата или траењето на огласот се појават нови доверители или блокада на сметката, или УЈП побарува повеќе данок од дотогаш платениот или камати за нередовно платени обврски, во тој случај основачот треба да ги плати истите, во спротивно се прекинува ликвидацијата.  Доколку нема можност за плаќање повеќе од 45 дена фирмата треба да ја испита можноста за исполнување на условите за покренување на стечајна постапка.  

Popular posts from this blog

ОСТАВИНСКА ПОСТАПКА

РАЗВОД НА БРАК

ДОГОВОР ЗА ПОДАРОК