ОСНОВАЊЕ НА ФИРМА

  Постапка за упис на фирма во трговски регистар - регистрација на фирма

Во Република Македонија постојат повеќе форми на трговски друштва: 
- ДОО - друштво со ограничена одговорност кое има најмалку двајца а најмногу 50 основачи - минимален влог од 5000 евра, паричен или непаричен влог
-ДООЕЛ - друштво со ограничена одговорност со едно лице основач- минимален влог 5000 евра, паричен или непаричен
- ТП - трговец поединец - едно физичко лице кое врши едно занимање- минимален влог 1 денар
- АД - акционерско друштво - неограничен број на акционери - минимален влог 25000 евра паричен или непаричен влог
освен трговски друштва постојат и други правни лица како што се здруженијата на граѓани - потребно е минимум 5 основачи, ПЗУ- приватна здравствена установа - 1 основач или повеќе - без ограничување на влогови, занаетчија, подружници на странски фирми, преставништва  и сл.
Сега ќе се осврнеме посебно на постапката за основање на ДООЕЛ кога едно физичко или правно лице основа трговско друштво со ограничена одговорност и има еден управител.

Основната главнина на друштвото може да биде паричен или непаричен. Во секој случај основната главнина не може да биде помала од 5000 евра. Доколку е паричен потребно е да се набави потврда од банка дека е уплатено на привремена сметка 5000 евра во цел на дознака да стои за основање на друштво со наведување на називот на друштвото кое се основа.
Доколку основачот не поседува парични средства од 5000 евра може да се регистрира друштвото, со тоа што внесувањето и уплатата на средствата ќе треба да се оствари во рок од 1 година од денот на уписот во трговскиот регистар. 
Доколку основачот сака да вложи непаричен влог тогаш се прави процена на тој влог од овластен проценител кој изработува процена на предмети кои основачот предлага да бидат вложени од негова страна како основачки влог во друштвото кое го основа.

Опис на постапка

  1. Пријавата за упис на основањето на друштвото ја поднесува регистрационен агент - адвокат, со уредно полномошно од основачот и управител на друштвото
  2. Во пријавата за упис се наведуваат:
  • фирмата и седиштето на друштвото;
  • предметот на работењето на друштвото;
  • името и презимето, ЕМБГ, бројот на пасошот, односно бројот на личната карта ако содружникот е странско физичко лице или на друга исправа за утврдување на идентитетот-важечка во неговата земја и неговото државјанство, како и местото на живеење, односно фирмата, седиштето, МБС, ако содружникот е правно лице;
  • износот на основната главнина;
  • денот на склучувањето на договорот за друштвото, односно денот на потпишувањето на изјавата за основање на друштвото;
  • времетраењето на друштвото ако тоа е определено со договорот за друштвото или со изјавата за основање на друштвото;
  • името и презимето на управителот, на членовите на надзорниот одбор, односно на контролорот, ако друштвото има орган за надзор, ЕМБГ, занимањето, бројот на пасошот, односно бројот на личната карта за странско физичко лице или на друга исправа за утврдување на идентитетот-важечка во неговата земја и неговото државјанство, како и местото на живеење;
  • овластувањето за застапување на друштвото и
  • е-маил адреса на друштвото, 
  • наведување на банка за вршење на платен промет
  • интернет страница ако друштвото има ваква страница.

Потребни документи

  • копија од пасош или од лична карта ако основач е физичко лице, од друга исправа за утврдување на идентитетот-важечка во неговата земја, доказ за регистрација- тековна состојба  ако основач е правно лице (доколку се работи за странско правно или физичко лице основач, потребно е да се направи превод на странските документи на македонски јазик и нотарска заверка на преводот на странските документи)
  • наведување на називот на друштвото, седиштето, предметот на работење, управител, банка, е-маил адреса,
  • наведување на вид на основачки влог и начин на внесување на влогот (веднаш или во рок од 1 година за паричен);
  • предмети кои ја сочинуваат основната главнина (кај непаричен влог), процената ја порачуваме ние, а се остварува во соработка со овластени проценители по тарифа за проценка на подвижни предмети,
    Сите потребни документи се составуваат од страна на адвокат, основачот и управител ги потпишува лично во адвокатската канцеларија со приложување на лична карта или пасош. Пријавата за упис се поднесува истиот ден по потпишување на докумнетите и комплетирањето на останатите прилози. Рокот за добивање на решение за основање е 5 дена од денот на поднесување на пријавата по електронски пат во Централниот регистар на Република Македонија. 
    Цената за составот и поднесувањето на пријава од адвокат изнесува 9000 денари. Во цената не е вклучена процената на основната главнина доколку основачот сака да вложи непаричен влог. Со регистрацијата и добивање на решение од Централен регистар се добива матичен број на друштвото, даночен број и жиро сметка.
    Откако ќе добиете решение од централен регистар за рeгистрација на фирмата ви останува да порачате печати за фирмата и да склучите договор со банката која сте ја навеле во регистрацијата која ви издава овластување за користење на сметката на лицата кои вие ќе ги определите како овластени потписници во банка. 
    Потоа следуваат вработување на управителот и зависно од предметот на работењето постапките за пријави во инспекциските органи се различни за сите дејности. 



     
     
     

Popular posts from this blog

ОСТАВИНСКА ПОСТАПКА

РАЗВОД НА БРАК

ДОГОВОР ЗА ПОДАРОК