ДОГОВОР ЗА ПОДАРОК
Со договорот за дар дарувачот се обврзува да му пренесе или му предава на даропримачот во сопственост определен предмет, или му отстапува некое право, или му отпушта долг, или му презема долг без надомест. Договорот за дар се склучува во писмена форма. Договорот за дар за движен предмет склучен во усмена форма е полноважен, ако тој е предаден на даропримачот. Кога предмет на договорот за дар е недвижност мора договорот да биде во писмена форма и да се солемнизира кај нотар, за да може да се изврши промена во јавните книги во кои се водат недвижностите, во случајот тоа е Катастарот. Дар може да направи само лице со полна деловна способност. Дар може да прими и лице со ограничена деловна способност, како и деловно неспособно лице . Дарувачот може да го раскине договорот и да го отповика направениот дар, во случај кога даропримачот со своето однесување кон него или на нему блиско лице, покаже крајна неблагодарност. Ова право преминува и на наследниците на дарувачот.